„Не сме ниту глуви ниту слепи, сега ниту неми, пред незадоволството или загриженоста на Македонците за големиот број министри Албанци во оваа нова Влада. Речиси, безмалку со однос 50:50.
Не треба ни прашање за давање искрен одговор. Соодносот е нереален. Доколку е со цел да се испрати некоја порака, ценам дека е погрешна. Ако е добронамерна, во погрешно време е пратена.
Ќе кажам и нешто повеќе. Овој квантитет на Албанци во владата не нуди квалитет. Паѓа и таа марксистичка флоскула.
Не треба ни да не потсетувате. Знаеме дека во обратна ситуација, на сличен однос во Албанија и Косово, би биле подеднакво незадоволни. Бесни и лути. Можеби и извесно многу повеќе од вас.
Не ми прави мерак оваа бројка.
Не ме прави позадоволен.
Не ме прави ни полојален.
Башка што за вас сум генетски предиспонизиран на нелојалност.
Среќен сум што има толку Албанци колку што сте вие среќни што Петре беше градоначалник.
Но, сепак има една точка која е пренебрегната.
Кога ви тврдам дека немам причина за еуфорија, за занес, за задоволство, среќа што ете имаме фифти-фифти Албанци во владата, по нејзиното изгласување пред три дена …
… најдете еден миг и желба да за момент замислите како им беше на Албанците толку децении кога немаа еден единствен седнат во Влада. Или барем блиску до Влада.
Овие три дена се тешко сварливи мигови за вас.
И имам разбирање.,
Но замислете милијатри и трилијарди мигови?
АКо ова го разберете како ситење, жалам.
Јас би сакал, би претпочитал да се разбере како повод за подобро взаемно разбирање.
Во духот на поговорката: додека не поминеш милји во мои чевли, нема да ме разбереш.
Лека ноќ“ – стои во постот на политичкиот аналитичар и екс-амбасадор, Арсим Зеколи кој се осврнува на големата бројка и процент на Албанци – министри во новата Влада.