Светиот крст што архиепископот г.г. Стефан денеска напладне го положи во водите на Вардар на централната манифестација во Скопје за празникот Богојавление-Водици е посветен на сите учесници.
Игор Јакимовски, кај кого дојде крстот, заедно со група од 30-ина учесници на церемонијата, во духот на заедништвото држејќи се за рака дозволија еден од името на сите да го фати светиот Крст во осветените води на реката Вардар.
„Оваа година крстот е за сите во знак на сплотеност и заедништво“ – порачаа верниците.
Јакимовски рече дека учествува на манифестацијата 29-ти пат и порача дека крстот е заеднички, со ваквиот начин на дејствување групата покажала сплотеност.
„Денеска сите видовте како ние сплотени го направивме самиот чин за пуштањето на Светиот крст, така што сосема случајно дојде во моите раце, меѓутоа верувајте тоа е како да паднал во сите раце на сите верници што беа долу во водите. Тука се сите момци, заедно прославуваме, јас ја имав таа чест да дојде во моите раце, тие ме испочитуваа како буквално јас да сум го фатил но тоа е наш заеднички крст и покажавме една сплотеност во овие како да ги кажам тешки времиња, така што ќе продолжиме да бидеме понатанму и се надевам дека ќе живееме една година што ќе биде безгрижна и година на враќање во нормала“ – изјави Јакимовски.
Архиепископот г.г.Стефан во порака до верниците на водосветсната церемонија истакна дека само со вистинско разбирање и живеење по пораките упатени пред дваесет столетија од брегот на реката Јордан ќе можеме секој од нас да го подготвиме патот господов.
„Овој повик е упатен до секого од нас повикувајќи не да пријдеме и да земеме учество во радоста на настанот и празникот, во радоста на господа. Затоа и ние во овој миг со мислите да се пренесеме на бреговите на реката Јордан и да им се придружиме на насобраните околу крстителот Јован, молејќи се и ние да бидеме удостоени и да го препознаем вечниот Бог и да го слушенеме гласот од небесата упатен до сите народи во сите времиња. Во истовреме да му благодариме на господа што со денешниов настан ја востановил светата тајна крштение како врата преку која влегуваме во заедница со него“ – рече поглаварот на МПЦ-ОА.
Меѓу учесниците на церемонијата беа и премиерот Димитар Ковачевски и градоначалничаката на Скопје Данела Арсовска.