Премиерот на Бугарија – Кирил Петков во интервју за бугарската телевизија „БТВ“ вели дека во Бугарија не постои македонско малцинство и за такво малцинство дури не може да се зборува.
„Никогаш, никогаш. Нема такво малцинство и за такво малцинство дури не може да се зборува. Треба да го кажам јасно за сите гледачи, по таа тема има целосен консензус, за таа тема дури и не може да се водат дискусии“ – рече Петков.
На прашање за какви компромиси е подготвен, тој рече дека тоа може да биде авионската линија Софија – Скопје.
„Бугарија може да биде иницијатор за стартување на линијата Софија-Скопје. Компромисот е кој ќе ја организира, тој и да ја финансира таа линија“ – вели Петков.
Потенцираше и дека ќе бара правата на Бугарите да бидат вклучени во македонскиот Устав.
„Сакаме гаранции, кои што секој еден граѓанин на ЕУ треба да ги има, а тоа е нулта толеранција за дискриминација. Сакаме правата на Бугарите таму да се вклучени во Уставот“ – вели бугарскиот премиер.