„Фактот што од двете страни на границата имаме нови влади, дава нова енергија и нова шанса за позитивно разрешување врз база на научените лекции од досегашниот преговарачки процес со Бугарија“. Ова меѓудругото денеска го изјави министерот за правда Бојан Маричиќ, кој во новата Влада на мандатарот Димитар Ковачевски ќе треба го води Секретаријатот за европски прашања. За спорот со Бугарија, Маричиќ вели дека се уште „не сме во фаза каде што сме се согласиле на нешто, ниту пак бугарската страна се согласила на нешто“.
„Се уште сме во фаза на разговори, размена на аргументи, размена на позиции и мислам дека посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков во вторник ќе биде одлична можност за да се воспостави нова динамика во преговарачкиот процес меѓу нас и Бугарија. Динамика во која ќе се фокусираме на прашања пошироки од историските, динамика во која ќе се формираат конкретни работни групи кои што ќе дадат резултати во конкретни области“ – посочи Маричиќ.
Според него, без да се врзуваме за временски рокови, треба интензивно да се работи на подобрување на атмосферата меѓу граѓаните и двете држави, враќање на довербата, зголемување на нивото на пријателство и суштински да се отклонат пречките за наш почеток на преговорите.
Маричиќ е со став дека во изминатите 16 месеци започнати се многу важни процеси за кои е сигурен дека еднакво успешно и подобро ќе ги продолжи наредниот министер – Никола Тупанчевски.
„Мислам дека меѓународните извештаи го верификуваат тоа, имаме позитивна оценка со напредок во Извештајот на ЕК, позитивна оценка и во извештајот на американската Влада. За мене, секако, има уште многу, но не може цела перцепција и не може се да се смени за 16 месеци, но мислам дека е добра основа за наредниот министер да направи уште повеќе и да го валоризира сите оние напори коишто ги правевме за 16 месеци“ – изјави Маричиќ.
За направеното во секторот, Маричиќ посочи дека, после 20 години државата спроведе попис, првпат се усвоени методологиите за оценување и на судиите и на обвинителите и тие се применуваат во избор и разрешување на судиите и обвинителите, како и дека врз основа на оваа методологија и на донесените претходни закони имавме голема активност на Судскиот совет.
„Имаме повеќе разрешувања на судии – 16, коишто покажуваат зголемена активност и зголемен број на постапки за испитување на дисциплинска одговорност“ – изјави Маричиќ.
Има многу работи, рече Маричиќ, коишто можело да бидат направени, меѓутоа во 16 месеци, според него, е направено многу.