Бомгартнер: Сакаме да направиме сè за отворање на преговорите на С. Македонија со ЕУ

„Најмногу сакаме да бидеме корисни и да направиме сè што ќе помогне да се подобри состојбата со цел да се придвижат позициите, да се постигне договор и да се отворат преговорите за Северна Македонија. Доколку ова е можно во време на француското претседателство, тогаш сето тоа ние и ќе го направиме“. Ова денеска на прес-конференција го изјави амбасадорот на Франција во земјава – Сирил Бомгартнер. Тој ги претстави програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на ЕУ. И евроамбасадорот Дејвид Гир се надополни на изјавата на Бомгартнер, па додаде дека ништо не е променето и оти односите со Западен Балкан и Северна Македонија остануваат во иста рамка за стабилизација и асоцијација.

„Ги охрабруваме и Северна Македонија и Бугарија да продолжат со преговорите за да се решат нивните заемни прашања за да можеме да ги отвориме преговорите за членство. Во однос на различните декларации во двете собранија ќе ви кажам дека тоа е билатерално прашање од кое се засегнати двете држави. Охрабрувањето го гледам и низ посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Северна Македонија“ рече Гир.

Слични се размислувањата и на Бомгартнер.

„Реално кажано се наоѓаме во контекст што глобално е нов и минатата година, особено последните недели беа појаснети голем број на политички работи особено во Бугарија. Денес, ние имаме бугарска Влада што е изгласана со политички капацитет да одлучува што не беше случај претходно. Во текот на 2021 година за три месеци имаше три избори, тоа е нов услов и Дејвид го истакна тоа. Имаме впечаток дека во овој нов контекст има охрабрувачки сигнали, а ние како француско претседателство, а тоа важи и за сите други европејци и засегнати институции, не сакаме да направиме нешто што би било непродуктивно во овој благонаклонет контекст“ изјави тој.

За улогата што Франција може да ја одигра во преговорите меѓу Скопје и Софија прашање е како можат да бидат корисни со цел да го поддржат процесот што е во тек.

„Денес прашањето за посредништво не е на маса од повеќе причини, бидејќи не е потребно посредништво и не треба трета страна, бидејќи двете страни треба да се договорат за воспоставување на дијалог бидејќи единствено нешто што посакуваме е колку што можеме да бидеме корисни за да можат да се испорачаат резултати за оваа важна земја“ – потенцираше францускиот амбасадор.