Министерот за имиграција на Австралија – Алекс Хок повторно ја поништи визата на Новак Ѓоковиќ за земјата, јавуваат светските медиуми.
Адвокатите на српскиот тениски ас сега се подготвуваат веднаш да поднесат судска забрана против одлуката, но доколку доколку не ја оспорат одлуката пред судот или не успеат во тоа, Ѓоковиќ веднаш ќе биде депортиран од Австралија.
„Го искористив своето овластување согласно Законот за имиграција за да ја поништам визата што ја имаше Новак Ѓоковиќ. Поради здравствени причини и добар ред, се во јавен интерес. Оваа одлука уследи по налогот на Федералниот и Окружниот суд согласно кој од 10 јануари е поништена претходната одлука за укинување на визата. При оваа одлука, внимателно ги разгледав сите информации од Министерството за внатрешни работи, австралиските гранични сили. Владата на Морисон е цврсто посветена на заштитата на границите на Австралија, особено за време на пандемија“, објасни Алекс Хок во соопштение.
Проценките се дека се ќе треба да се заврши во следните 72 часа, бидејќи Австралија опен почнува во понеделник.
Одлуката на Хок значи дека Ѓоковиќ би можел повторно за неколку часа да биде одведен во имиграциски притвор.