БЕГ има средства за набавка на гас до денеска, од сабота ладни радијатори?

Компанијата за производство на топлина „Балкан Енерџи“ (БЕГ) синоќа излезе со соопштение дека има средства за набавка на гас само до крајот на денешниов ден и побараа од Владата времено да го преземат управувањето со компанијата се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона.

„Ликвидноста на ПТБЕ брзо се истоштува и има средства за набавка на гас до крајот на утрешниот ден. Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси да обезбедиме финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифита за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топплина. За да се обезбеди непрекинато производство на топлинска енергија во ПТБЕ, предложивме Владата да ја превземе во времено управување компанијата почнувајќи од 14.01.2022 се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона“ се вели во соопштението од компанијата.

Синоќа, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски синоќа во изјава за „СДК.мк“ вели дека во моментот кога БЕГ ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје, ќе му биде одземена лиценцата, а одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе ја преземе Владата.

Според него, тоа не е прифатливо бидејќи, како што вели, не може друг да им го решава проблемот на БЕГ, за потоа во мај да се вратат „на бел коњ“.

Вчера беше соопштено дека дополнителни количества електрична и топлинска енергија се обезбедени преку когенеративната електрана „ТЕ-ТО“ која ќе работи седум дена во неделата со полн капацитет. Вишокот електрична енергија ќе го откупува АД ЕСМ, за што денеска се очекува двете компании да потпишат договор.

Мерката ја донесе Владата на вчерашната седница, а ќе важи до крајот на месецов со можност да биде продолжена, доколку има потреба од тоа, затоа што во земјава е прогласена кризна состојба во енергетиката.