Болсонаро во текот на својот мандат потрошил пет милиони долари од службената картичка

Болсонаро потрошил 5 милиони американски долари за време на неговиот четири годишен мандат откриваат податоците од кредитната картичка.Тој потрошил повеќе од 21.000 долари во само една вечер во ресторан.

Новата бразилска Влада на својата веб-страница објави извод за состојбата на неговата сметката на официјалната картичка.

Заедно со Болсонаро пристап до кредитната картичка имал и неговиот тим од 21 лице, пренесоа агенциите.

За разлика од неговите претходници, Болсонаро беше таинствен за трошоците, но неговиот наследник Луис Ињацио Лула да Силва реши да ги објави јавно.

Болсонаро потрошил повеќе од 235.000 американски долари на годишни одмори во 2019, 2020 и 2021 година. За време на една посета на бензинската пумпа потрошил речиси 14.000 долари и 286.000 на неколку престои во луксузен хотел во Гуаруџа, одморалиште недалеку од Сао Паоло.

Изгледа дека Болсонаро најмногу потрошил на раскошни ручеци и вечери. За време на посетата на релативно евтин ресторан во Боа Виста, во државата Рораима, со претседателската картичка била платена сметка од повеќе од 21.000 долари.

Во текот на четири години, тој оставил повеќе од 71.000 долари во пекара во Рио де Жанеиро, а едно купување изнесувало речиси 11.000 долари. Таа сума е потрошена еден ден по свадбата на синот на Болсонаро и пред собирот на моторџиите организиран од приврзаниците на Болсонаро на улиците на Рио.