Димитров: Не му верувам на Османи

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров денеска на прес-конференција рече дека бил пречката за лошото решение со Бугарија, а посочи дека нема доверба во министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Според него Османи сакал успех по секоја цена да се реши прашањето со Бугарија.

„Прашањето е поважно од Владата, од оваа, од следната, од сите. Да, немам целосна доверба во министерот за надворешни работи во однос на прашањето со Бугарија, со оглед на моето искуство на интерните координации, средбите во Брисел. Имам чувство дека таму има ‘драјв’ за успех по секоја цена, што мислам дека е опасен и не продуктивен. Можеби грешам и се надевам дека грешам“ – вели Димитров.

Диммитров вели дека македонскиот јазик е интимна работа и е наш, а државата е независна, па затоа, право и должност е достоинството да се зачува.

„Тоа не само што ќе ме тргнеше од дома, туку и ќе ми го врзеше зборот. Има причини и потреба од посебна будност за ова прашање. Прочитав од портали, па дознав од амбасадори, па имав средба со мандатарот Ковачевски, така дознав. Одговорноста значи да бидете гласен внатре. Од друга страна мислам дека има јавен интерес за овие работи да се зборуваат отворено. Чекав бидејќи мислам дека беше важно да не се повлечам самиот. Можеби ќе беше полесно да кажам дека не се гледам во новата Влада, но беше важно мандатарот да каже. За сите работи ќе зборувам отворено, свесен за одговорноста и значењето на прашањето никогаш нема да наштетам, но ќе ја следам работата“ – додаде Димитров.

Вели дека позициите кои денес ги искажал ги има од самиот почеток.

„Обидот да има заострување на позицијата не успеа во смисла на споменување на бугарската заедница во нашиот Устав и тоа да биде направено пред да почнат пристапните преговори го нема во заклучоците. Но позициите се држат такви какви што беа од самиот почеток. Како држава треба да се прашаме дали е умно, мудро, толку голема енергија да ставаме во ова прашање. Мислам дека ќе биде мудро да останеме отворени за дијалог, но не да бидеме преокупирани во јануари или јуни, туку енергијата да си ја вложиме дома. Мислам дека огромен дел од нашата енергија мора да оди дома, за ова прашање треба да сме спремни за достоинствен дијалог, а нашите позиции да ги темелиме на европските принципи и меѓународното право. Ние сакаме да сме пријатели со Бугарија, но мора да не почитуваат“ – посочи Димитров.