Спасовски: Не е исто како во 2016-та, демократија има, ама не поддржувам бизнис владеењето да го преклопи демократското

„Владата е со полн легитимитет и пред пратениците стојат сите деловнички можности. Нормално дека очекувам дебата и таквата дебата е добредојдена“. Ова го изјави министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски во „Утрински брифинг“. Спасовски вели дека на седницата на партискиот Централен одбор овој предложен состав поминал едногласно и без ниту еден воздржан.

„Демократскиот капацитет на СДСМ е на високо ниво и тоа сме го покажале во многу наврати“ – вели Спасовски.

Тој вели дека е нормално да има различни мислења, а најави и Конгрес на кој ќе се разговара за изборните резултати и консолидацијата на партијата.

„Демократијата и Македонија како демократско општество може само да се надградуваат. Друг пат нема. Не е исто како во 2016 година. Демократија има, но далеку од тоа дека за тоа не треба да се разговара. Јас не можам да поддржам опција бизнис владеењето да го преклопи демократското владеење. Ние во МВР во рамки на реформскиот процес направивме еден Национален центар за борба против организираниот криминал во кој работат претставници од сите институции кои се занимаваат со оваа проблематика. И ова тело даде резултати, а ние постојано испраќаме извештаи до ЕУ за тоа колку предмети се отворени, до каде е постапката“ – вели Спасовски.

За мандатарот Ковачевски, посочува дека се познаваат одамна и имаат и приватни релации.