Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со амбасадорката на СР Германија, Анке Холштајн која го завршува мандатот во нашата држава.
На состанокот, премиерот Ковачевски се заблагодари за големото и искрено пријателство со СР Германија и за големиот придонес на Германија и личните заложби на амбасадорката Холштајн, во развојот на демократските и евроинтеграциските процеси на нашата држава.
На средбата е пренесена силна поддршка од СР Германија, Република Северна Македонија да продолжи со нови чекори на евроинтеграцискиот пат, посебно во оваа значајна 2023 година. Тоа, како што е констатирано, отвора можности за забрзана динамика до целосното членство во Европската Унија, каде што државава и припаѓа.
Поздравени се определбите на премиерот Ковачевски и на Владата за конструктивен дијалог со демократски и интеграциски определените политички субјекти во државата, што се очекува да резултира со натамошен напредок во евроинтеграциите.
Премиерот Ковачевски рече дека СР Германија од осамостојувањето на државата, до денес е значаен политички и економски партнер на Северна Македонија и дека поддршката од европските партнери е од големо значење за напредокот на нашата држава.