„Еколошкото востание“ во соседна Србија денеска најави блокада на зградата на Владата на седницата која таму е закажана за во 12 часот. Најавите се дека блокадата на зградата на српската Влада ќе трае се додека не се укине уредбата за просторниот план на специјалното наменско подрачје за реализација на проектот „Јадар“ и додека на веб-страницата на Владата не се објават сите потпишани документи со „Рио тинто“.
Оттаму најавуваат дека ќе бараат претставниците на тоа движење да присуствуваат на седницата на Владата и да побараат на дневен ред на седницата да биде ставена точка со која ќе се поништи уредбата за проектот „Јадар“.
„Ова е последен во низата обиди да се изврши притисок врз нашите институции, конечно да почнеме да работиме во интерес на граѓаните и во интерес на зачувување на нашата држава и нашиот народ. Доколку нашите барања се игнорираат, владата ќе биде единствена одговорна за се што ќе се случаи во следните денови при блокади и протести“ – се вели во соопштението.