Агентот на Ѓоковиќ штиклирал погрешно поле на декларацијата за патување во Австралија

Српскиот тениски ас, Новак Ѓоковиќ на Инстаграм објасни зошто не бил во изолација откако добил позитивен на тест за Ковид-19 во декември. Тој објасни дека неговиот агент направил грешка кога ја пополнил неговата декларација за патување во Австралија.

„Сакам да нагласам дека вложив сериозни напори за да ја осигурам безбедноста на сите и да ги почитувам обврските за тестирање. Овие дезинформации мора да се коригираат, особено во интерес да се ублажат реакциите на јавноста за мојот престој во Австралија, како и да се разјаснат работите кои се штетни и загрижувачки за моето семејство“ пишува Ѓоковиќ.

Тенисерот вели дека се грижел да ги заштити сите околу себе.

„Присуствував на кошаркарски натпревар во Белград на 14. декември (Црвена Звезда – Барселона), по што пристигна информација дека голем број луѓе се позитивни на коронавирусот. Иако немав никакви симптоми, на 16. декември направив брз антигенски тест кој беше негативен. Тој ден направив и ПЦР-тест, следниот ден бев на тениски настан во Белград за да им дадам награди на децата и пред да заминам направив нов антигенски тест кој беше негативен, се чувствував добро, а позитивен ПЦР тест добив дури после настанот“ – напиша Ѓоковиќ.

Изјави дека следниот ден, на 18. декември, во неговиот тениски центар во Белград дал интервју за француски весник и дека тоа го направил за да не ја разочара новинарката.

„Гледав да држам пропишана дистанца и постојано носев маска, освен кога се сликав. После тоа отидов дома да се изолирам. Кога ќе размислам сега, грешка беше да се прифати интервјуто, кое го мораше да се одложи“ – додава Ѓоковиќ.

Во врска со неговата декларација за патување во Австралија, во која треба да се наведе дали патувал во рок од 14 дена по пристигнувањето во земјата, тој рече дека неговиот агент несвесно штиклирал погрешно поле на формуларот.

„Што се однесува до мојата декларација за патување, таа беше поднесена од мојот тим за поддршка во мое име, како што им кажав на службениците за имиграција при пристигнувањето, а мојот агент искрено се извинува за административната грешка во која штиклираше погрешно поле за моето претходно патување пред да дојдам во Австралија“ – напиша Ѓоковиќ.

Изјавата на Новак е во време кога австралискиот министер за имиграција – Алекс Хок размислува дали да му ја одземе визата пред Австралија опен, кој започнува на 17. јануари, поради контроверзите околу тоа дали светскиот тенисер број еден има право на медицинско изземање.