Шест новинари уапсени затоа што објавиле дека претседателот на Јужен Судан се помокрил на официјална церемонија

Шест новинари се приведени во Јужен Судан откако беше објавено вирално видео на кое се гледа како претседателот на земјата, Салва Кир Мајардит, несвесно уринира на официјална церемонија додека се свири националната химна, објави националниот синдикат на новинари.

На почетокот на снимката, 72-годишниот претседател не е ни свесен дека по панталоните му се шири дамка и почнува да се познава што се случува. Камерманот кој снимал брзо ја тргнал камерата од претседателот, додека Кир и неговата придружба реагирале.

Снимката никогаш не била прикажана на телевизија, но подоцна започнала да кружи на социјалните мрежи. Видеото ја доведе во прашање здравствената состојба и способноста на 72-годишниот претседател да ја води нацијата, а во исто време се постави и прашањето за етиката во однос на нејзиното објавување.

Кир е претседател на земјата откако Јужен Суден стекна независност во 2011 година. Оттогаш, не се одржани избори. Владините претставници постојано ги демантираат гласините кои кружат на социјалните мрежи дека претседателот не е во добра здравствена состојба. Земјата беше вовлечена во конфликт во поголемиот дел од изминатата деценија.