Путин му порача на Џинпинг: Драг пријателе, те очекуваме во Москва на пролет

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека очекува кинескиот претседател Си Џинпинг да допатува во државна посета на неговата земја во пролетта 2023 година, што би било израз на солидарност од официјален Пекинг во време кога воената интервенција во Украина не се одвива како што планирано.

Во видео-конференцијата меѓу двајцата лидери, која беше емитувана на државната телевизија, Путин рече: „Те очекуваме претседателе, драг пријателе, те очекуваме на пролет во државна посета на Москва“. Таа посета, рече Путин, ќе му ја покаже на светот „блискоста на руско-кинеските односи“.

Во осумминутниот разговор Путин рече дека односите меѓу двете земји стануваат сè поважни како стабилизирачки фактор и дека неговата цел е зајакнување на воената соработка меѓу Русија и Кина.

Кси рече дека Кина е подготвена да ја зајакне стратешката соработка со Русија во време кога светот е во „тешка“ ситуација.

Односите меѓу двете земји, кои, како што беше речено, „не познаваат граници“, добија уште поголемо значење по руската инвазија на Украина на 24 февруари. Иако Западот воведе санкции без преседан кон Русија, Кина се воздржа од осуда на руската воена интервенција и постојано инсистираше на постигнување мир.

Путин рече дека сака да ја зајакне воената соработка со Кина, пофалувајќи го отпорот на Москва и Пекинг наспроти „притисокот“ од Западот.

„Во контекст на невидени притисоци и провокации од Западот, ние ги браниме нашите принципиелни позиции“, рече Путин.

Според него, „координацијата меѓу Москва и Пекинг на меѓународната сцена служи за создавање праведен светски поредок заснован на меѓународното право“.

„Во руско-кинеската соработка посебно место зазема воената и техничката соработка, кои придонесуваат за безбедноста на нашите земји и одржување на стабилноста во клучните региони“, рече тој.

Тој посочи дека двете сили „имаат намера да ја зајакнат соработката меѓу вооружените сили на Русија и Кина“.

Соочена со тешки западни санкции поради офанзивата против Украина, Русија во последните месеци се обидува да ги зајакне своите врски со Азија, особено со Кина. Извозот на руски енергетски производи во Кина значително се зголеми по инвазијата, а Русија сега е најголемиот снабдувач на нафта за Кина. Сепак, Пекинг е претпазлив и се воздржува од директна материјална помош за Русија за самата Кина да не биде под санкции од Западот.