
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МТВ истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во комплетно заложништво на Левица. Во моментов наративот на опозицијата го води Левица или Димитар Апасиев, со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ нема став за ниту едно прашање, но ниту имал некогаш став, ниту визија, ниту пак одлучност, нагласи Ковачевски.
Претседателот Ковачевски потсети како Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го менуваат ставот во однос на пристапувањето кон ЕУ.
Сите бевме сведоци како тие го менуваат ставот во однос на пристапувањето кон ЕУ, прво се прифаќаше јавно договорот со Бугарија, па потоа нивниот претседател кажа дека ќе подржи уставни измени со наредниот бугарски премиер, па потоа кажа дека нема да подржи и бараше нотарски изјави од пратениците, па потоа кажа дека ако европските институции дават некаква гаранција ќе подржи, па за потоа да каже дека никако нема да подржи, и тоа е практично немање на став по најважното прашање, нагласи Ковачевски.
Претседателот Ковачевски смета дека пратениците во Собранието и политичките партии ќе имаат визија и храброст да донесат одлука со која продолжува патот во ЕУ.
Ќе има уште одлуки, кои што е се однесуваат на системско уредување на државата во многу области, здравство, правосудство, па и енергетскиот сектор, екологијата и така натаму, тоа нема да бидат едноставни одлуки, меѓутоа сето тоа ќе ја направи Северна Македонија да биде на ниво на функционирање, кое што сите ние го сакаме, а тоа е функционирањето на земјите членки на ЕУ, истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МТВ.
Македонските граѓани сакаат да бидат дел од ЕУ, тука во својата држава да живеат а не во туѓина и и тоа е она што сите пратеници треба да им го овозможат на граѓаните, и во оваа насока уставните измени се обврска на сите политички партии, рече Ковачевски.
„Уставните измени и сите одлуки кои што понатаму ќе следат до полноправно членство се обврска на сите политички партии, тоа е над-партиски интерес за граѓаните а не за политичките партии. Политичките партии имаат многу други теми на кои што можат дневно политички да се натпреваруваат, од политика на даноци, социјални политики, инвестициски политики…Mеѓутоа ова прашање е прашање на иднината на граѓаните. Бидејќи македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама тие сакаат да живеат во ЕУ тука во својата држава а не да живеат во ЕУ како до сега во туѓина, во други земји, како вработени во компании кои што практично живеат надвор од својата држава и тоа е тоа што сите пратеници треба да им го овозможат на граѓаните“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ, Ковачевски додава дека е рационален оптимист.
“Јас неколку пати сум кажал дека сум рационален оптимист. Тоа значи дека јас верувам во целта, меѓутоа работам таа цел да се оствари. Исто како што беше со енергетската криза јас не давав премногу изјави меѓутоа сега сите граѓани се уверија дека нема ценовен шок, исто како што верував дека може да обезбедиме затоплување за градот Скопје. Исто како што верував дека во време на криза можеме да ја зголемиме минималната плата и да обезбедиме финансирање преку инструментите на ММФ кои што ги немавме во минатото, исто така верувам дека и ова ќе се оствари бидејќи се работи за неповратен процес.“ смета премиерот.