
Таканаречената „огнена група“ од ДУИ, предводена од пратеникот Изет Меџити, денеска одржа прес-конференција на која ги критикуваа првиот заменик премиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи, велејќи дека имаат најслаби резултати во својата работа.
„Донесувањето на одлуки стана ексклузивна привилегија на Артан Груби. Тоа предизвика поделба во партиските тела“, рече пратеникот Меџити.
Меџити додаде дека Груби и министерот за надворешни работи ги имаат наслабите резултати во Владата и дека првпат рејтингот на албанската опозиција го надмина рејтингот на ДУИ.
Во т.н. „огнена група“ во ДУИ покрај Меџити се уште и градоначалниците Беџети и Ганиу, ексфункционерот Муса Џафери, како и пратеникот Кастриот Реџепи.
Тие немаат дилеми дека Ахмети треба да остане како лидер на партијата.
„Треба во владиниот тим и во ДУИ да има нови лица. На две седници на претседателството аргументиравме зошто луѓето потфрлуваат и дека треба да си одат“ – изјави Меџити.