Судењето за случајот „Ласкарци“ почнува отпочеток

Супервештачењето од професори и инженери за тешката сообраќајна несреќа која се случи пред три години кога кај скопско Ласкарци се преврте автобус на компанијата „Дурмо турс“ и загинаа 16 патници, конечно стигна во Основниот Кривичен суд Скопје.

Судењето ќе започне на 24 јануари идната година, и тоа од почеток, заради проток на 60 дена од последната одржана судска расправа. Во меѓувреме не се закажуваше нова, зашто се чекаше ова супервештачење, пишува СДК.мк.

Судењето трае над две ипол години и на него беа направени и презентирани вештачења, како од обвинителот, така и од обвинетите.

Судијката Дијана Груевска даде наредба за супервештачење и се заглави постапката.

На почеток сите факултети одбија да го вршат тоа супервештачење, бидејќи инженерите веќе беа ангажирани во овој предмет. Помина скоро цела година додека се направи тим од вештаци, кои не биле вклучени на каков било начин во вештачењата на превртениот автобус.

Роднините на загинатите, како и на повредените во несреќата, пред околу еден месец протестираа пред Кривичниот суд, обвинувајќи го дека место да ја спроведе, намерно ја кочи правдата за оваа трагедија веќе три години.

„Ја информираме јавноста дека денеска, непосредно пред почетокот на главната расправа за предметот со К.бр. 1407/19 поврзан со автобуската несреќа кај с. Ласкарци , во судот беше доставен предметот со сите списи и изготвениот вешт наод и мислење од Бирото за судски вештачење каде предметот беше испратен на супервештачење пред една година. Примерок од вештиот наод и мислење на денешната главна расправа, од страна на судечкиот совет, им е доставен на Јавниот обвинител и обвинетите во постапката, преку нивните бранители, за нивно запознавање. Судењето ќе продолжи на 24.01.2023 година кога формално треба да почне од почеток заради проток на 60 дена, за што постои и согласност од странките, за потоа да бидат повикани на сослушување и вештите лица кои го изработија наодот, со што доказната постапка ќе биде завршена и ќе се изведат завршните зборови на странките пред објавување на првостепена пресуда“ – информираат од Судот.

„Недовербата во правосудниот систем е поради триесетгодишна неказнивост на високи функционери“ рече неодамна сега веќе екс шефицата на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска.

Македонското правосудство е до тој степен крахирано што не се знае ниту до каде се процесите за „Беса Транс“ и за Модуларната болница во Тетово во која живи изгореа пациенти.