
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за ДПА изјави дека очекува Шведска и Финска официјално да му се приклучат на НАТО во 2023 година. Столтенберг не може да каже кога точно ќе биде тоа. Сепак, тој посочи дека е „апсолутно убеден оти процесот на ратификација ќе биде завршен навреме“.
Столтенберг јасно стави до знаење дека не очекува Турција долго време да го блокира процесот на приклучување на Финска и Шведска во НАТО. Најисточната членка на одбранбената алијанса сè уште ги нема ратификувано т.н. протоколи за пристапување за да се отвори патот на Финска и Шведска за влез во НАТО.
Турското раководство ја оправдува својата позиција со наводната поддршка на двете земји на „терористичките организации“ мислејќи на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК).
Сепак, според некои шпекулации, улога во турската блокада играат и одлуките на одделни земји на НАТО, кои ја прекинаа продажбата на оружје на Анкара.
На пример, САД ја исклучија Турција од својата програма за производство на борбени авиони „Ф-35“ откога владата во Анкара купи противракетни системи „С-400“ од Русија и покрај противењето на партнерите во НАТО поради безбедносни причини.
Шведска и Финска поднесоа барање за членство во НАТО во мај поради руската агресија во Украина.