Касами бара предвремени избори како услов за уставни измени

Лидерот на БЕСА, Билал Касами најави дека ќе бараат одржување на предвремени парламентарни избори, а доколку власта не го прифати тоа најави дека ќе преземат порадикални чекори.

Касами како услов за уставни измени побара предвремени избори. Според него внесувањето на Бугарите во Уставот е во директна корелација со одржувањето на предвремените избори.

„Ако за власта приоритет е промената на Уставот и внесување на Бугарите како народ во него, тогаш мора да се направи компромис за предвремени избори. Мислам дека ако се има волја за да се решат проблемите и актуелните во делот на интегрирањето и економските и енергетските и за слабото менаџирање на институциите, се надевам дека можеме да се договориме и за уставни измени и за избори“ – кажа тој.

Касами најавува дека радикализацијата значи вршење на притисок врз власта преку протести. За постигнување на оваа цел тој вели дека се подготвени за соработка со сите партии од албанскиот опозициски блок, а не ја исклучува можноста за соработка со Алијанса за Албанците и со ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе се разгледа можноста од пролет ако власта нема слух за проблемите и да излезе да се соочи со граѓаните на предвремени избори ќе се разгледаат заедно со другиот дел од опозицијата, албанска, во делот на организирање на протести и секаков вид на притисок врз власта за да се слушне гласот на граѓаните и што побрзо да се оди на превремени избори“ – изјави Касами на денешната прес конференција.

Касами денеска го презентираше тимот избран од вистински професионалци од различни области кој ќе биде водечкиот глас за артикулирање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните во сите институции. Целта е, како што кажа Касами, да се лоцираат слабостите и проблемите на институциите, а освен за критички осврт овие тела истовремено ќе се користат и за креирање на политиките на партијата во иднина.