Скопје меѓу петте најзагадени градови во светот

Скопје и утрово е на петтата позиција на листата најзагадени градови во светот.

Според податоците во главниот град утрово се измерени 190 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички.

Концентрацијата на 2,5 честичките е 26,3 пати поголема од вредноста за квалитет на воздух што ја пропишува Светската здравствена организација.

Најголема загаденост измериле станиците во Лисиче, Гази Баба, Центар и Ректорат.

Според мерењата на „Ај-кју ер“ најголемо загадување синоќа имаше во Општина Ѓорче Петров со измерени 148,1 микрограми на кубен метар ПМ2,5 честички и 193,9 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички.

Поради големото загадување, кое веќе два дена трае во Скопје, Владата вчера попладне информираше дека стапуваат на сила препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање за Градот Скопје, но и за Кичево, Кавадарци и Струмица.

Препораките се да се ослободат од работа хронично болните, да се реорганизира работното време за лицата кои работат на отворено, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола да го намалат капацитетот на производство на половина, општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила, а се препорачува и ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.