Зарко Милошевски во вторник на собраниската Комисија за надзор над АНБ најверојатно ќе оди со нов извештај за да реферира за случајот со позитивното мислење за државјанството на Онишченко. Новиот директор на безбедносните служби деновиве спровел нова проширена истрага, од новоформираната Дисциплинска комисија .
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека Милошевски со ова го заташкува случајот со Онишченко. Велат тој е одговорен за направениот пропуст затоа што со свој потпис ја одобрил позитивната проверка за украинскиот олигарх.
„Милошевски со формирањето на нова Комисија не ги штити двајцата вработени во АНБ против кои е покрената постапката, туку себе си, бидејќи тие хиерархиски се под него, а тој бил функционерот кој ја одобрил проверката. Формирањето на нова Комисија составена од блиски луѓе на Зарко Милошевски има само за цел да ја заташка реалната истрага. Зарко Милошевски знае дека е директно одговорен во постапката за давање на државјанство на Онишченко, бидејќи тој ја одобрил позитивната проверка, а Виктор Димовски го потпишал актот што тој го одобрил“, истакна Драган Ковачки.
„Ќе продолжи расправата на таа седница во координација помеѓу претседателот на Комисијата, претседателот на Собранието веројатно и директорот на Агенцијата за национална безбедност, со тоа што таа истрага сега ќе треба да ја доврши новото раководство на Агенцијата за национална безбедност, да реферира пред Собранието и исто така да реферира пред Владата, нормално на затворена седница и потоа да можат да се преземат соодветни чекори, согласно со наодите од таа истрага“, изјави Димитар Ковачевски.