РК Алкалоид денеска ја презентираше целосно реновираната сала во Автокоманда

РК Алкалоид денеска ја презентираше целосно реновираната сала во Автокоманда, која од неодамна е дом на новајлијата во најсилното македонско ракометно друштво.

Младите ракометари на Кирил Лазаров го презентираа својот потенцијал во првиот дел од сезоната, а пред продолжувањето, денеска беше официјално отворен реновираниот дом.

Живко Мукаетов како лидер на проектот на РК Алкалоид ја посочи важноста да се имаат најдобри услови за работа.

– Ако сакаме да ги исполниме амбициите, мора да имаме свој дом, затоа што е невозможно да се направи такво нешто без инфраструктура. Сега може да се работи од утро до мрак и сите овие генерации ќе имаат максимални услови од сите аспекти. Ќе го следиме развојот на секој играч во рамките на системот и тоа ќе придонесе да го имплементираме она што сме го виделе надвор во клубот, но и пошироко, – истакна Мукаетов.

 

 

„Пред година дена започнавме проект на визија, важен за мак-ракометот, основна цел е да се регрутираат млади таленти кои ќе ги научиме на добри човечки вредности и да имаме раст на мак-ракометот. Основна идеја и цел е да го шириме нашиот проект. Почнавме пред една и пол година, но ова кое сега го гледате е едно прекрасно чувство на млади луѓе посветени на спортот. Посакуваме да изградиме систем во кој сите ќе се вклопат и човековите вредности и растот ќе бидат на прво место. Нашата мисија ќе биде исполнета кога ќе го добиеме новиот Кире, Столе, Жути, Манасков. Кога ќе го постигнеме тоа, ќе може да кажеме дека тоа е тоа што треба. Градиме нешто добро за македонскиот спорт, за нашата држава Република Македонија, затоа што сметам дека тоа нешто е многу важно. Мора прво да веруваме во себеси, во тимот, во сите околу нас, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба“, вели Живко Мукаетов.
„По само година и пол по формирањето на ракометниот клуб Алкалоид од Скопје, чест и задоволство ми е што ја имаме оваа заедничка прилика да присуствуваме на реновираниот од корен ракометен дом Автокоманда и чест и привилегија е за клуб како нашиот да имаме свој дом. Мислам дека тоа е предуслов, основа и база за понатамошна добра и квалитетна иднина. Во изминатите години од спортски аспект сакам да кажам што се имаме сработено од спортски аспект, од што сум презадоволен. РК Алкалоид почна од првата лига и за само една година влезе во најквалитетната лига – Суперлигата“, изјави Лазаров.

Горан Минов потенцираше дека РК Алкалоид ќе остане доследен на принципот да даде приоритет на македонските ракометари.
„Најпрво, во име на РК Алкалоид би сакал да се заблагодарам на сите учесници кои во одреден момент беа вклучени во реконструкцијата на овој ракометен објект и на Управниот одбор на Алкалоид на чело со Живко Мукаетов без кого овој проект би бил невозможен. Клубот беше исправен пред нов предизвик, значаен инвестициски проект значаен за мак-ракометот. Оваа наша база и адаптирана спортска сала е чекор напред за поквалитетен домашен спорт, мотивирани спортисти и младинци кои ќе се градат како професионалци, со услови согласно на елитниот ракомет. Нашиот клуб останува доследен на принципот да расте и да се развива во база на квалитетни македонски ракометари кои на долгорочен план би дала македонски репрезентативци. Овој проект претставува дел од системот на РК Алкалоид, спортските и животните вредности, кои треба да се поттикнуваат со еден добар спортски систем“,  вели Минов.