Безброј фанови на хрватската поп ѕвезда Масимо Савиќ се собраа околу концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб за да се простат од него. На официјалниот инстаграм профил на Савиќ е споделена фотографија од салата, каде се повикуваат сите негови обожаватели да се простат од него.
Комеморацијата на Савиќ се очекува да биде следниот петок во 11 ч. Според првичните информации тој ќе биде закопан во родниот Задар иако се уште не се знае кога ќе биде погребот. Од неговата издавачка куќа во изјава за хрватските медиуми велат дека неговата желба била да биде кремиран.
Масимо Савиќ почина вчера на 60 години, во болницата во Виноград каде се лекувал од рак на белите дробови. Ненадејната смрт на социјалните мрежи ја потврдија неговата ќерка и сопруга.
„Нашиот татко, сопруг, гордоста и љубовта Масимо Савиќ не напушти по кратка, но херојска борба. Иако го напушти овој свет, вечно ќе живее во нашите души; насмеана, топла, силна, полна со љубов и исткаена од уметност. Засекогаш ќе бидеме твои девојки. Ани и Мирна“,стои во објавата.