
Украинскиот претседател Зеленски по средбата со претседателот на САД, Џо Бајден одржи говор пред двата дома на американскиот Конгрес.
-Тоа е битка не само за територија, за овие или оние делови на Европа. Се води битка не само за животот, слободата и безбедноста на Украинците или за секоја друга земја во светот која Русија сака да ја завојува. Оваа борба ќе одреди во каков свет ќе живеат нашите деца и внуци, ќе одреди ќе биде ли тоа демократија за Украинците, за Американците, за сите, рече Зеленски.
Тој уште еднаш потсети дека пред да дојде во Вашинтон, тој го посетил Бахмут, град-тврдина во Донбас, кој продолжува со херојската одбрана против руската агресија. Во тој момент кога го кажа ова, законодавците во Конгресот станаа аплаудирајќи му на гостинот. Призна дека Русите имаат предимство во артилеријата, во муницијата и во ракетите со голем дострел.
-Тие уриваат сè наоколу, но Украинците ќе ги задржат своите граници и никогаш нема да се предадат, рече Зеленски.
Изрази уверување дека американскиот ракетен систем „Патриот“ ќе помогне во заштита на украинското небо и градови. Тој исто така истакна дека не треба да се дозволи „еден терорист да му помага на друг“, со оглед на тоа како Иран и помага на Русија со снабдување на дронови.
-Украина никогаш не побара американски војници да војуваат на нашата земја наместо нас. Ве уверувам дека украинските војници се способни сами да ракуваат со американските тенкови и авиони“ рече тој.
Зеленски кажа и дека украинскиот народ сака мир, но праведен мир, а „праведниот мир е суверенитет и територијален интегритет на Украина“.
-На Божиќ, милиони Украинци можеби нема да имаат струја и вода, но Украинците нема да се жалат, нивната цел е достоинствено и со чест да ја продолжат борбата, посочи тој.