Милановиќ до Пленковиќ: Ако имаш морал, оди во Украина и бори се

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска го коментираше одбивањето на Парламентот да ја потврди владината одлука за обука на украинските војници во Хрватска и јасно кажа дека конфликтот во Украина е „руско-американска војна“. Тој му порача на премиерот Андреј Пленковиќ дека, доколку има морал, треба да оди во Украина и да се бори.

Милановиќ рече дека владата на Пленковиќ, продолжува да го урива Уставот на Хрватска.

Тој повтори дека министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман во Брисел ја прифатил обврската „од сржта на националната безбедност и одбрана без согласност на претседателот на Хрватска, што е спротивно на Уставот“.

За Пленковиќ рече дека, како што наведе, „со манир на социопат со морална уцена“ го турнал Парламентот да одлучува за хрватската воена помош за Украина.

По претходната изјава на Пленковиќ дека тој е победник, Милановиќ праша „дали сме во обложувалница“.

„Кој не прати нас, брат? Те гледаме и ние тебе, твојот идеолошки пат. Постојано ни вршите морални уцени. А ти самиот немаш морал, целосно си аморален. Одете во Украина и борете се“ – му порача Милановиќ на Пленковиќ.