Во болница во Приштина, вечерва околу 18.15 часот починал професионалниот војник И.Ч (44), кој беше во состав на контингентот на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата КФОР, соопшти Генералштабот на Армијата.
Професионалниот војник кој извршувал должности во водот за обезбедување во командата на КФОР-запад во Пеќ попладнето му се слошило, по што веднаш откако бил забележан од присутните кои му пружиле прва помош.
Со воен хеликоптер бил упатен во болница во Приштина каде се обиделе да го реанимираат, но по кратко време била констатирана смрт за која, според првичните наоди, причина најверојатно е срцев удар.
„Од страна на Генералштабот по добивање на првичните информации со преземање на сите потребни процедури, трагичната вест е соопштена на неговите најблиски и во моментот во координација со сите надлежни институции се преземаат сите неопходни мерки за пренесување на посмртните останки на нашиот припадник во неговото место на живеење. По пристигањето на телото на нашиот починат мировник, погребот ќе биде со сите воени почести а во координација со неговата фамилија во време и место кое ќе биде одредено“ – се наведува во соопштението од ГШ на Армијата на Република Северна Македонија.