Маск го загуби приматот најбогат човек во светот

Од оваа недела Илон Маск повеќе не е најбогатиот човек на светот. Тој статус сега му припаѓа на Французинот Бернар Арно (73), претседател и извршен директор на компанијата „LVMH“, според Форбс и Блумберг њуз.

Ова е првпат сопственикот на Tesla и SpaceX да падне од врвот на рангирањето откако го престигна основачот на Amazon, Џеф Безос како најбогат човек во септември 2021 година.

Богатството на 51-годишниот Маск е во голема мера поврзано со цената на акцијата на Tesla, која изгуби повеќе од половина од својата вредност од јануари, а падот се зголеми само по купувањето на Twitter од 44 милијарди долари од Маск.

Нето вредноста на Арно сега изнесува 190,1 милијарди долари, додека нето вредноста на Маск е 181,3 милијарди долари, според Форбс.

И покрај загубите, Маск е многу пред третопласираниот индиски милијардер Гаутам Адани, кој има вредност од 135 милијарди долари, и основачот на Amazon, Џеф Безос, чие богатство се проценува на 113,1 милијарди долари.