
Кандидатот за премиер на Бугарија предложен од ГЕРБ-СДС, Николај Габровски не успеа да ја добие потребната поддршка во Народното собрание.
Со 113 гласа „за“ и 125 гласа „против“, пратениците не ја одобрија неговата кандидатура.
„За“ гласале 113 пратеници од ГЕРБ, ДПС и Бугарски подем, додека „против“ гласале 125 пратеници од Продолжуваме со промените, Демократска Бугарија, БСП и Преродба.
Габровски пред гласањето во парламентот го претстави својот предлог-кабинет, а во својот говор направи обид да ја отвори, како што тој нарече, „вратата и патот за помирување и разум“.
„Денес Бугарија не е само на крстопат туку и пред бездна, а по кој пат ќе тргне денес зависи од нас овде и сега, од вас во оваа сала – дали ќе тргнеме по патот на одговорноста, разумот и волјата да ја надминеме претстојната катастрофа со заеднички напори или ќе останеме затворени во пазувите на популизмот, конфронтациите и теснопартиските интереси“ – порача Габровски.