Муриќ: Арсовска со право ја нарекуваат „маќеа на градот“

Приватните превозници сè уште протестираат и бараат средба со премиерот Димитар Ковачевски, како и одземање на ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Ковачевски кажа дека е можна средба со приватните превозници, но само под одредени услови, по што претставникот на приватните превозници, Кемал Муриќ вели дека автобусите ќе се тргнат од улиците ако седнат на маса и бидат исполнети нивните барања.

– Ако премиерот даде гаранции за решавање на проблемот, тогаш ќе ги тргнеме автобусите од „Илинденска“, кажа Муриќ.

Муриќ посочи дека нема ниту еден приватен превозник да се пријави на новиот оглас на Град Скопје, а притоа кажа дека Арсовска не сака да го реши нивниот проблем.

– Со Арсовска, која е „маќеа на градот“ нема надеж за решавање на проблемот. Од таа причина бараме повисок орган, односно Владата да интервенира. Бараме средба со премиерот и ова не е никаква закана, вели Муриќ.