Аргентинскиот селектор: Ако го сакате фудбалот, мора да го сакате и Модриќ!

Аргентинскиот фудбалски селектор, Лионел Скалони е омилен меѓу играчите од репрезентацијата бидејќи со своите методи и пријателскиот однос успеа да направи тим кој изгледа како семејство, пишуваат аргентинските медиуми. Велат дека со таквиот пристап ја однесе Аргентина до титулата на Копа Америка и полуфинале на Светското првенство.

Првото полуфинале на Мундијалот во Катар се игра вечерва во 20:00 часот меѓу Хрватска и Аргентина, а во најавата за истото Скалони не пропушти да потенцира колку многу го почитува лидерот на „коцкестите“, Лука Модриќ.

„Задоволство е да се гледа играч како Модриќ. Тој е идол за многу луѓе во светот. Го велам ова не само поради талентот, туку и поради тоа како се однесува на теренот. Сакам такви играчи како него, го сакам и Левандовски. Ако го сакате фудбалот, мора да го сакате и Модриќ. Ја анализиравме Хрватска како сите други противници. Хрватска има одлични играчи и успеа да им го загорчи животот на многумина. Нема да зборувам за силни и слаби страни, едноставно тоа не е мојот пристап“ – изјави Скалони на прес-конференцијата.