
Судскиот совет на денешната седница донел одлука да ја разреши судијка Наташа Мишева од Велес, пишува „А1он“.
Според информациите, постапка за утврдување одговорност има и за судиите Наќе Георгиев од Врховен суд и за Светлана Јованова.
Комисиите кои ги разгледуваат предметите за овие двајца судии ќе треба да предложат на Судскиот совет дали постапката за одговорност да се запре или да се утврди одговорност, а на крај членовите ќе ја донесат конечната одлука.
Пред Судскиот совет се најде и постапка за утврдување на одговорност кај Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд во Скопје. Постапката е запрена. Сметаат дека подносителот не е во право со барањето Адеми да биде разрешена поради дисциплинска повреда.
Во случајот на велешката судијка, мнозинството членови беа за разрешување.
„Судијката е разрешена според член 76 став 1 точка 7 од Законот за судовите“, велат од Судскиот совет за „А1он“.
Според членот на законот, станува збор за потешка дисциплинска повреда која ја сторила судијката. Детали не се откриваат.
Мишева е избрана за судијка во 2011 година, суди граѓански предмети.