Таравари: ВМРО-ДПМНЕ тешко дека ќе најде коалициски партнер од редот на Албанците

„ДУИ може да биде победена на избори и досега била победувана на локалните избори. Проблемот е што се врши притисок врз граѓаните и се вршат различни манипулации“ вели Арбен Таравари, в.д. претседател на Алијанса за Албанците на тв24.

„Ние заеднички со ВМРО-ДПМНЕ поднесовме иницијатива за промена на мнозинството во парламентот затоа што оваа партија тогаш ја промени реториката, се извини за 27 април, и направивме иницијатива и за меѓусебна поддршка за локалните избори. Левица не ја сметам, но без Левица ние имавме 61 пратеник. Кастриот Хаџиреџџа исчезна тој ден на гласањето па останавме 60 на 60. Инаку Кастриот беше еден од оние кои инсистираше да се соберат потписи за да се симне ДУИ од власт“ – вели Таравари.

Таравари смета дека „ќе и биде тешко на ВМРО-ДПМНЕ да најде коалициски партнер од редот на албанските партии“.

„ВМРО-ДПМНЕ е влезено во орото на Левица околу која се вртат некои македонски националисти. Не знам колку се тие луѓе, но ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги привлече кај себе. Поради нив тешко дека ќе можат да најдат друг коалициски партнер освен ДУИ“ – вели Таравари.

Тој вели дека се сретнал со Ковачевски и се разговарало за повеќе закони кои се заглавени во парламентот, но други луѓе разговарале и за можноста за влез на Алијанса во владината коалиција. Таравари вели дека премиерот Ковачевски побарал од него да ги поддржат законите со европско знаменце. Од другата страна било побарано да се поддржат антикорупциски закони.

Таравари вели дека пратениците на Алијанса ќе ги гласаат уставните промени сеедно дали се позиција или опозиција и без оглед на тоа кога ќе се најдат на дневен ред.