Бајден: Зајакнувањето на украинската воздушна одбрана е приоритет за САД

Зајакнувањето на украинската воздушна одбрана е приоритет за Соединетите Американски Држави, изјави американскиот претседател Џо Бајден, во време кога украинскиот претседател Володимир Зеленски се повеќе се обидува да обезбеди меѓународна поддршка за својата земја, која е изложена на руска агресија веќе 10 месеци.

На истокот и на југот на Украина борбите не стивнуваат, а поради нападите со беспилотни летала и ракетни летала врз клучната енергетска инфраструктура, особено во црноморското пристаниште Одеса, многу Украинци се без греење и во темница. Засега не се на повидок ниту мировни преговори ниту крај на најкрвавиот конфликт во Европа по Втората светска војна. Москва го опишува конфликтот како „специјална воена операција“, додека Украина го нарекува неиспровоциран акт на агресија, анализираат светските медиуми.

„Ние работиме со партнерите непрекинато“, рече Зеленски по разговорот со Бајден и лидерите на Франција и Турција, додавајќи дека очекува „некои резултати“ од низата меѓународни настани во врска со ситуацијата во Украина следната недела.

Во понеделник германскиот канцелар Олаф Шолц ќе се обиде да договори нови санкции против Русија и Иран и дополнителна воена помош за Украина на виртуелен состанок со лидерите на Г7 и министрите за надворешни работи на ЕУ.

Од почетокот на инвазијата во февруари, Зеленски одржа серија разговори со Бајден, Емануел Макрон и Таип Ердоган. Зеленски рече дека му се заблагодарил на Бајден „за невидената американска воена и финансиска помош“ и му дал до знаење дека на Украина и се потребни системи за воздушна одбрана за да го заштити своето население.

Бајден, како што соопшти Белата куќа, „ја потврди својата посветеност за продолжување на воената, економската и хуманитарната помош за Украина“, додавајќи дека Русија мора да одговара за своите воени злосторства и дека нејзината агресија ќе ја чини.