Нападнат Сали Бериша за време на протест во Тирана

На протестот на опозицијата во Тирана се случи инцидент кога непознат маж физички го нападна поранешниот претседател и премиер на Албанија, Сали Бериша, јавуваат Репортери.

Инцидентот се случи за време на протестниот марш организиран од Демократската партија (ДП) на Бериша, за време на Самитот ЕУ-Западен Балкан, поради, како што наведоа, „одбраната на европските вредности, која е загрозена од албанскиот премиер Еди Рама“.

На видеото што го објавија албанските медиуми, Бериша бил удрен со тупаница во главата од маж, по што лидерот на ДП паднал на земја.

Како што пренесува Еуроњуз Албанија, Бериша го продолжил протестот по нападот и рекол дека ништо на светот не може да го победи.

– Ништо на светот не може да не победи нас, луѓето од опозицијата и луѓето на победата, долу Еди Рама, долу криминалците, ќе ве урнеме. Денеска сме тука заедно да протестираме против режимот на злобниците и криминалците – рече Бериша.

Во меѓувреме е приведен човекот кој го удрил.