Индонезија со закон ги забрани вонбрачните сексуални односи

Индонезискиот парламент денеска гласаше за измените на законот со кои, меѓу другото, се забрануваат сексуални односи надвор од бракот.

Потпретседателот на Собранието Суфми Даско Ахмад рече дека текстот на амандманот е усвоен и добил мнозинство гласови на пленарната седница.

Предложените измени предизвикаа незадоволство кај активистите за човекови права.

Тие сметаат дека измените на законот се напад на граѓанските слободи и чекор кон фундаментализам во најнаселената муслиманска земја во светот.

Меѓу спорните членови од усвоениот закон се и криминализацијата на вонбрачните полови односи, како и на заедничкиот живот.

Овие одредби, исто така, според организациите за човекови права, би можеле да имаат големо влијание врз ЛГБТК заедницата во Индонезија, каде истополовите бракови не се дозволени.

Надлежните кои се залагаа за усвојување на амандманот сметаат дека со новите измени на законот ќе се заштити институцијата брак.