
За настапите на швајцарските фудбалери со албанско потекло – Гранит Џака и Џердан Шаќири продолжува да се зборува и низ балканските земји, а за фудбалери кои се со потекло од Косово зборуваше и премиерот на Република Албанија, Еди Рама.
Тој рече дека се работи за двајца албански фудбалери, кои ги следи со големи симпатии, но дека, според него, нивните имиња се користат „за некакви политички балкански игри“, пишува „Косово пост“.
„Јас не сум премиер на Швајцарија, јас сум премиер на Албанија и нема причина зашто да ги издвојам од целата швајцарската репрезентација токму двајца швајцарски државјани кои имаат албанска националност, кои се Албанци, кои иако ги гледаме со љубов и без сомнение со големи симпатии, сите треба да се пофалат за тој натпревар. Тие две фигури се искористуваат за политика и на начин недостоинствен за волја на вистината. Тоа е репрезентација на друга држава, а јас со таков потег би го разгорел пламенот на национализам, извинете за изразот, но тоа е смешно, а национализмот е секогаш смешен колку што е и опасен. Не е потребно, воопшто не гледам потреба за тоа и ми се чини дека кој и да го направил ова, не постапил како што треба. Навистина жално ми беше што двајца играчи кои се пристојни граѓани, мора да бидат разделени од нивниот тим, бидејќи тие и затоа играат за тој тим, за успехот на таа земја, а не за нивната националност да се користи како за игра на балкански војни“ – рече Рама пред новинарите.