Укинување на прогресивното оданочување е наше барање, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека укинување на прогресивното оданочување било нејзино барање и вели дека и е мило што владата на СДСМ се согласила дека рамниот данок е стабилен и развоен концепт.

Ваквата реакција следува откако премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција во владата соопштија дека се укинува прогресивното оданочување кое требаше да стартува на 1.1.2023 година.

„Три месеци изгубија во најава за даночни реформи, го убедуваа бизнис секторот и граѓаните дека прогресивниот данок е правилна мерка, за на крај да ја повлечат. И наместо да има акција од приватниот сектор тие чекаат и не можат ниту да планираат инвестиции, ниту развој. Напротив чекаат да видат каква ќе биде економската и даночната политика на владата. Но, драго ни е што после вкупно 13 години како партија, и после пет години како влада, СДС се откажа од нејзините даночни авантури и конечно прифати дека рамниот данок воведен од ВМРО-ДПМНЕ е стабилен, развоен и предвидлив даночен концепт, поволен и за стопанството и за граѓаните“, рече на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.