Арсовска не попушта: Договор со уценувачи нема – во петок целосна блокада, партиите наместо решенија, со препукувања

Попуштање нема, причината за раскинување на договорите не е Градот, туку нивното непочитување на договорените обврски. Ќе има нов јавен повик, па сите кои сакаат да работат и заработат чесно, нека се пријават. Ова го порача градоначалничката Данела Арсовска во гостувањето во емисијата Топ Тема на Телма.

Според ова, до петок, до кога е поставен ултиматумот од приватните превозници, договор нема да има. Најголеми губитници во случајот, повторно ќе бидат граѓаните.

„Таа колатерална штета, која што некој ја предизвикува на граѓаните има име и презиме. А, тоа не е во Градот Скопје. Затоа што Град Скопје не е тој што го предизвикува овој хаос. На закани и уцени нема да се подлегне, по ниту една цена“, вели Данела Арсовска.

Арсовска вели дека тековните побарувања на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ биле исплатени. За првите 111 милиони денари, а 45 милиони за вторите, заклучно со октомври. Прашува, зошто досега не испратиле ниту една тужба, доколку имале некакви побарувања. Превозниците, пак, тврдат дека ако нема договор ќе се стигне и до суд.

„Долгот за некој ден ќе достигне 2 милиони евра е реален и 100% точен. Градоначалничката какви невистини и лаги кажува тоа е нејзина работа. За тоа ќе има судска разрешница ќе си каже на суд своите аргументи“, порача Ќемал Муриќ.

А, ВМРО-ДПМНЕ и направи видео спот на Арсовска. За разлика од изборите кога ја фалеа, сега црна кампања. Велат, Арсовска предизвикала вистински хаос, се скарала со приватните превозници, синдикалците, платите доцнат.

„Единствено со кого не се скара е со СДС. Оддеднаш заборави на матните зделки и криминалите на претходното раководство на град Скопје, предводено од кадрите на СДС. Ова коинцидира со контактите и средбите на Арсовска со Ковачевски и Јакимовски во Владата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, според СДСМ, виновници за хаосот во Град Скопје се ВМРО-ДПМНЕ. Велат, наместо решенија оваа партија тера политиканство на штета на градот и граѓаните.