
Сомалиските безбедносни сили упаднаа во хотел во главниот град Могадишу и ја окончаа опсадата на милитантите од Ал Шабаб, по еднодневната битка во која загинаа најмалку 9 лица, соопшти полицијата.
Од внатрешноста на зградата се слушаа истрели, додека специјалците се бореа против милитантите повеќе од 12 часа откако припадници на исламистичката организација упаднаа во хотелот во центарот на Могадишу.
Хотелот Вила Рејс, кого го викаат и Вила Роса, е популарен меѓу владините претставници, и како што објави Би би си, неколку министри биле спасени од него.
Најмалку еден министер е повреден, додека другиот, според наводите, го преживеал нападот.
Нападот ја покажа постојаната способност на милитантите, сојузници на Ал Каеда, да изведат смртоносни напади, дури и додека владата на претседателот Хасан Шеик Мохамуд спроведува офанзива против нив.
„Операцијата во хотелот Роса е завршена“, изјави портпаролот на полицијата Садик Аден Али, пренесува Ројтерс.
Тој рече дека милитантите убиле осум цивили, а подоцна еден војник загинал во опсадата. Петмина војници се ранети во престрелките. Во нападот врз хотелот учествувале шестмина борци на Ал Шабаб.
„Еден се разнесе, а петмина беа убиени од безбедносните сили“, рече Али, кој додаде дека 60 цивили биле спасени.
Ал Шабаб на арапски значи Млади. Се појавија како радикално младинско крило на сега непостоечката Унија на исламски судови на Сомалија, која го контролираше Могадишу во 2006 година, пред етиопските сили да ги избркаат.