
Србија и Камерун го одиграа најинтересниот натпревар на СП 2022, откако Србите по почетните 0-1 за противникот стигнаа до водство од 3-1, па африканската селекција со два брзи гола да израмни на конечни 3-3.
Инаку мечот во Ал Вакра тргна со шансите на Митровиќ и погодената статива. Тоа го казни Камерун со голот на Кастелето во 29.минута за 1:0. Следуваа супер три минути во судиското продолжение од првиот дел на Србите и со головите на Павловиќ и Сергеј на пауза замина со водство од 2:1.
Мечот делуваше како завршен кога Митровиќ погоди за 3-1, но Камерунците се вратија благодарение на „резервистот“ Абубакар.
Фудбалерот на Ал Наср влезе во игра во 55. минута, а девет минути подоцна одлично ја избегна офсајд замката и со прекрасен лоб удар го совлада голманот Милинковиќ – Савиќ.
Помошниот судија најпрвин го поништи голот, но ВАР-анализата покажа дека тој не се наоѓал во офсајд, признавајќи го голот за 3-2.
Србите беа во нокдаун, а Камерун го искористи тоа со трет гол, Абубакар повторно избегна офсајд замка и несебично го проигра Чупо Мотинг, кој немаше тешка задача да ја смести топката во мрежата.