Хрватите ја решија Канада и се искачија на врвот во мундијалската група

Прва победа за хрватската репрезентација на Светското првенство во Катар, со 4:1 совладана е Канада.

Три селекции во последното трето коло од групата „Ф“ ќе се борат за првите две позиции кои водат во осминафиналето. Хрватите се првопласирани (гол разлика 4:1) со четири бодови колку што има и Мароко (2:0), Белгијците се на третата позиција со три бодови (1:2), а Канада која ги загуби сите шанси за нокаут-фазата е на последното четврто место без бодови.

Канада уште на стартот го шокираше светскиот вицешампион откако поведе со голот на Алфонсo Дејвис уште во втората минута.

Канаѓаните потоа продолжија да притискаат и да играат на противничката половина, но нови реални прилики немаше. Како што одминуваше времето, Хрватите ја воспоставуваа играта на средината на теренот и стануваа многу поопасни.

Во 35 минута Ливаја имаше добар удар, но Борјан одлично интервенираше за разлика од следниот напад. Перишиќ го проигра Крамариќ кој дијагонално од левата страна го погоди далечниот агол и израмни на 1:1.

По тој гол, Хрватска дополнително ги притисна Канаѓаните кои се повлекуваа и веќе во 44 минута Јурановиќ асистираше до Ливаја кој со прецизен удар од околу 18 метри го совлада Борјан за 2:1.

Хрватите држеа сè под контрола и чекаа погоден момент за нова реализација, а тоа се случи во 70 минута. Асистент беше Перишиќ, а Крамариќ повторно беше прецизен за зголемување на предноста (3:1). Во судиското надополнување Хрватска постигна уште еден гол, Оршиќ излезе сам пред Борјан, несебично асистираше до Мајер за конечни 4:1.

На 1 декември се мечевите од завршната трета рунда, од 16.00 часот ќе играат Канада – Мароко и Хрватска – Белгија.