Милиони луѓе во Украина без греење и струја, температури под нулата, доаѓа снег

Во Киев од денеска се очекува обилен снег, дневната и ноќната температура ќе се спуштат под нулата, а милиони луѓе во градот и околината остануваат без струја и греење.

Мрежниот оператор Укренерго објави дека производителите на електрична енергија можат да покријат само три четвртини од потребите на потрошувачите, поради што се воведени ограничувања и прекини на струја низ целата земја.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека електричната енергија е ограничена во 14 од 27 украински региони и во Киев, за „повеќе од 100.000“ потрошувачи во секој регион.

„Ако потрошувачката се зголеми во вечерните часови, бројот на прекини може да се зголеми. Тоа уште еднаш покажува колку е важно да се заштеди енергија и да се користи рационално“, рече Зеленски.

Сергеј Коваленко, главен оперативен директор на ЈАСНО, кој го снабдува Киев со електрична енергија, рече дека ситуацијата во градот се подобрува, но сепак е „прилично тешко“.

Тој посочи дека граѓаните треба да имаат најмалку четири часа струја дневно.

„Ако немавте најмалку четири часа струја изминатиот ден, пишете на DTEK Kyiv Electric Networks, колегите ќе ви помогнат да сфатите во што е проблемот“, напиша Коваленко на својата Фејсбук страница.

ЈАСНО е малопродажна подружница на ДТЕК, најголемиот приватен снабдувач со енергија во Украина.

Последното руско бомбардирање во средата предизвика најголема штета во конфликтот досега – милиони луѓе во Украина останаа без струја, вода и греење.

Русија вели дека не е насочена кон цивилното население, а Кремљ тврди дека руските напади врз енергетската инфраструктура се резултат на неподготвеноста на Украина да преговара.

Во ретка јавна расправија меѓу украинските лидери, Зеленски во петокот го критикуваше градоначалникот на Киев за, како што рече, лошата работа на засолништата за итни случаи да им помогнат на оние без струја или топлина по руските напади.

Укренерго најави дека прекините на електричната енергија ќе продолжат и повикаа на ограничено користење на електричната енергија.