Ким Џонг-ун сака Северна Кореја да е најмоќната нуклеарна сила во светот

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун изјави дека главната цел на неговата земја е да ја има најмоќната нуклеарна сила во светот, објавија државните медиуми.

Тој го објави ова на церемонијата на која промовираше неколку десетици офицери вклучени во неодамнешното лансирање на најголемата севернокорејска балистичка ракета, Хвасонг-17. Надгледувајќи го неговото лансирање на 18 ноември, Ким рече дека ќе одговори на американската нуклеарна закана со нуклеарно оружје.

Изградбата на нуклеарна сила служи за заштита на достоинството и суверенитетот на државата и народот, а „главната цел е да се има најмоќната стратешка нуклеарна сила, апсолутна сила без преседан во овој век“, рече тој.

Тој ја нарече ракетата Хвасонг-17 „најмоќното стратешко оружје во светот“, додавајќи дека тоа ја покажува одлучноста на Северна Кореја и нејзината способност да ја изгради најмоќната војска во светот.