Ахмети – Преговорите за влез на Алијанса за Албанците во Влада се во почетна фаза

Преговорите кои се водат со Алијансата на Албанците (АА) за евентуален влез на партијата во Владата, се уште се во фаза на почетни средби и нема ништо конкретно дефинирано во оваа насока, изјави денеска лидерот на ДУИ , Али Ахмети.

Запрашан како ќе влијае евентуален влез на АА во Владата на парламентарното мнозинство, тој рече дека доколку има позитивен епилог од целиот овој процес, тоа би придонело многу за конструктивност и стабилност на парламентарното мнозинство. Во однос пак на можната распределба на министерски места при влез на Алијансата во Владата, додаде дека за овие теми уште не е разговарано, бидејќи разговорите се уште се во почетна фаза.

„Се очекува одржување на наредни средби во оваа насока“, изјави Ахмети, одговарајќи на новинарски прашања по Свечената академија по повод 114-годишнината од Конгресот во Битола и Денот на албанската азбука, што се одржа денеска во Скопје.

Претходно денеска, за ТВ Клан, за можното влегување на Алијанса за Албанците во Владата, вицепремиерот Артан Груби рече дека за да се случи тоа никој не мора да излезе, па ни Алтернатива. Тој нагласи дека е важно да се создаде голем проевропски политички фронт за соочување со антиевропските сили.

„Токму тоа и беше причината за влез на Алтернатива на Африм Гаши во Владата минатата година. Зошто сега Алтернатива би се откажала од власта поради каква било функција повеќе или помалку, кога повторно во прашање е проевропскиот процес? Како може да го напушти процесот на половина пат само поради една или две причини?“, истакна Груби.

Најавите за влез на АА во Владата почнаа од минатата недела. Премиерот во повеќе наврати негираше дека се преговара за влез во Влада со оваа партија, но сомнежите ги расчисти Ахмети викендов, кој потврди дека имало вакви разговори.