Груби: Ахмети ако не постоеше ќе требаше да се измисли

„Ахмети учествуваше во три војни, во сите национални револуции, ако Ахмети не постоеше ќе требаше да се измисли“ вели Артан Груби во интервју за Клан ТВ. Тој вели дека е важно да се создаде голем проевропски политички фронт за соочување, со антиевропските сили.

„Токму тоа и беше причината за влез на Алтернатива на Африм Гаши во Владата мината година. Зошто сега Алтернатива би се откажала од власта поради каква било функција повеќе или помалку, кога повторно во прашање е проевропскиот процес? Како може да го напушти процесот на половина пат само поради една или две причини? Граѓаните гледаат и критикуваат дека во определен период заради еден министер или директор бил оштетен еден толку важен процес како што е интеграцијата на земјата во ЕУ”, рече Груби.

На прашањето кои владини позиции ДУИ би ѝ ги отстапила на Алијанса, Груби не даде конкретен одговор.

„Нудиме европска иднина. Ѝ нудиме на Алијанса држава интегрирана во ЕУ, како што веќе ѝ дадовме држава членка на НАТО, земја со владеење на правото, со ветинг за политичарите, судиите и обвинителите, бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупција, функционален систем. Нема причини Алијанса да не даде поддршка за вакви вредности“, рече Груби.

Тој додаде дека Ахмети немал средба со в.д. претседателот на ДУИ Арбен Таравари, „зашто процесот на преговори не е напреднат и досега не е станато збор за позиции во Владата или за директорски места“.