
САД и Велс ремизираа во вториот натпревар во рамки на групата Б на Светското фудбалско првенство, одигрувајќи синоќа 1-1 (0-1) на стадионот „Ахмад бин Али“ во Ал Рајан.
Американците дојдоа во водство со голот на Тимоти Веа во 36. минута на асистенција на Кристијан Пулишиќ, а Велс израмни преку капитенот Герет Бејл во 82. минута од пенал.
Претходно вчера во истата група Англија го совлада Иран со 5-2.
Второто коло во рамки на групата Б е на програмата в петок, кога Велс ќе игра против Иран (11 часот), додека дуелот меѓу Англија и САД е во вечерниот термин од 20 часот.
Денеска на програмата на Мундијалот во Катар се дури 4 натпревари.
Двојниот светски првак Аргентина од 11 часот ја има најлесната задача во групата, против Саудиска Арабија победнички да го отвори СП.
Помеѓу настапите на фаворитите, од 14 часот, полуфиналистот од ЕУРО 2020, Данска ќе се соочи до Тунис и Данците се фаворити на мечот.
Три часа подоцна, Мексико и Полска ќе се соочат во пресметка која може да решава за вториот патник од групата во која Аргентина е фаворит.
Килијан Мбапе и светскиот првак Франција ќе го завршат денот во пресметката против Австралија од 20 часот.
Од денеска па во следните седум дена ќе потрае овој фудбалски 11-часовен маратон со четири меча дневно, до стартот на разврската со последното коло во кое мечевите по групи ќе се играат во ист термин, па ќе има само два, од 16 и од 20 часот.