
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека мора да има одговорност за случајот со доделувањето македонско државјанство на контроверзниот руско-украински олигарх Олександар Онишченко. Тој најави дека наскоро ќе има смена на директорската позиција на Агенцијата за национална безбедност, на која сега е Виктор Димовски, веднаш потоа додаде дека тој ќе биде сменет бидејќи наскоро заминува за Париз, каде ќе биде македонски амбасадор во Франција.
„Дали ќе имаме нов директор на АНБ, односно дали ќе има одговорност, да ќе имаме нов директор на АНБ и тоа ќе се случи би рекол во наредните 24 дена, именување на нов директор на АНБ. Тоа е затоа што директорот е веќе со испратени агремани за амбасадор во Франција и веќе е отпочнат процесот на селекција на нов директор на АНБ“, изјави Ковачевски.
Околу скандалот, Ковачевски минатата недела изјави дека побарал извештај за тоа како сите четири институции, меѓу кои и АНБ, дале позитивно мислење за Онишченко да добие државјанство. Димовски за ова утре ќе реферира на затворена владина седница.