Дачиќ: Планот на Курти е заземање на северот на Косово

Има два можни исходи на денешните состаноци во Брисел – едниот е да надвладее здравиот разум, а другиот да дојде до инциденти, кажа министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ.

Тој истакна дека се надева дека меѓународната заедница ќе изврши притисок врз Приштина.

„Јасно е кој може да ги иницира такви инциденти и адресата за притисоците е сосема јасна. Дали некој сака тие притисоци да се насочат кон Приштина или не, тоа меѓународната заедница мора сама со себе да го расчисти“, кажа Дачиќ.

Изрази надеж дека меѓународната заедница ќе изврши притисок врз Приштина да не спроведува репресивни мерки над српскиот народ, бидејќи, како што предупреди, тоа може да доведе до сериозно нарушување на само на јавниот ред и мир, туку и на регионалните мир и стабилност.

Истакна дека планот на косовскиот премиер Аљбин Курти е албанската страна да го заземе северот на Косово и Метохија, односно целиот суверенитет, за кој сметаат дека е доволен за прогласување држава, да го прошират и на северот, имајќи предвид дека тоа до сега не беше случај.

Порача дека Србите нема да дозволат да бидат жртви на толерантниот однос на меѓународната заедница кон, како што кажа, нечуеното однесување на Курти кој го гази не само потписот на Приштина, туку и потписот на ЕУ.

„Луѓето најмногу го сакаат она што го немаат и за мене таквото однесување е психолошки целосно разбирливо. Далеку се тие од тоа, тие не можат да добијат повеќе од 83 од 193 гласа во Генералното собрание на Обединетите нации“, кажа Дачиќ.