Лукаревска: Даночењето ќе се зголеми со 4 отсто во државните приходи
Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи, во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24 рече дека даночењето следната година ќе се зголеми за 4 процентни поени во структурата на приходите во државниот буџет кој е предвидено да биде многу поголем и да изнесува 5,3 милијарди евра. Според Лукаревска, учеството на даноците и придонесите во структурата на државните приходи ќе се зголеми од 70 на 74 отсто.
– Следната година имаме обврска да го наполниме буџетот со даноци и придонеси од 74 отсто. Тоа е многу, затоа што претходно беше 70 отсто, изјави Лукаревска.
Напомена дека во нацрт-даночната реформа што се подготвува ќе се анализира и Данокот на додадена вредност од 5 отсто. Според Лукаревска, Македонија е земја со најмногу производи со даночна ставка од само 5 отсто.
Директорката на УЈП вели дека наплатата на ДДВ е зголемена над предвидениот план и дека тоа делумно се должи и на инфлацијата.
– Сите параметри укажуваат дека ДДВ се зголемува со зголемените цени и инфлација, но секогаш растело ДДВ-то претходно. Ние постојано разговараме со фирмите, ги слушаме, имаат пораки на ниво на комори и економскиот тим ги прави тие анализи. Сметам дека во наредниот период ќе покажуваме флексибилност, сепак и ние имаме одредени обврски кои треба да ги остваруваме, рече првиот човек на УЈП.
Таа најави дека следниот период ќе биде сензитивен за Управата со неколкуте кризи кои го погодуваат општеството. Во таква ситуација се јавиле компании кои самоиницијативно организирале „Викенд без ДДВ“, иако тоа претходно не го дозволила Владата со уредба.